Македонија има долга и позната традиција на кулинарски специјалитети.

Богатството на земјата и нејзината плодност, ја прават колевка на земјоделството на Балканот. Еколошката средина, умерената и топла клима нудат можност за богатство од видови на растителни продукти, специфични за Европа и Медитеранот. Затоа, за една таква мала земја, Македонија има варијабилност во продуктите почнувајќи од цитрус овошјата, виновата лоза, оревите, тутунот, па се до оризот и традиционалниот квалитетен грав.

Покрај растителните богатства, оваа земја е богата со телешко, свинско и пилешко месо, одгледува првокласни јагниња, а шумите изобилуваат од најразличен дивеч.

Како производител на млечни производи, Македонија е посебно позната по производство на млечни производи, посебно по висококвалитетните сирења и кашкавали, јогурт и млеко. Видови сирења има, речиси, колку и села во Македонија.

Вината се со светски квалитет, со автентични лози како Вранец, но и со квалитет на традиционалните Cabernet Sauvugnon, Merlot и други. Бројните винарии произведуваат вина кои гордно стојат покрај квалитетот на француските, италијанските или калифорниските вина. Специфично за Македонија, овде се дестилираат и општо ценетите ракии и мастика, барани од Македонците, а уште повеќе со посетителите.

Кујната на Македонија иако со карактеристики на балканската кујна воопшто, има свои особини кои ја прават автентична.

Иако традиционални, пинџурот, таратурот, питите, бурекот, баклавата или тулумбите, секојдневно се готват како дел од домашната кујна.

Вистинско гастрономско уживање ќе почувствувате со тавче гравче, зелник, селско месо, турлитава, пастрмајлија или со неповторливиот ајвар.